Зошто утринскиот тренинг е добра идеја

0
2532

Кога ќе извежбате рано наутро, завршувате рано и можете да се фокусирате на останатите работи во вашето секојдневие. Затоа утрински тренинг може да биде одлична алатка за подобрување на комплетниот квалитет на живот.

Динамичното секојдневие во кое работните обврски завршуваат и по работните часови, наметнува еден друг начин на живот во кој мора да се организирате но пред се да ги ставите вашите потреби за здрав и подготвен организам, на прво место вежбањето. Откако ќе завршите со тренинг, го расчистувате умот и се фокусирате на работните обврски.

Утринскиот тренинг ќе ви помогне и со рутината на спиење. Ќе станувате рано, ќе имате рана физичка активност и поради тоа кон крајот на денот вашето тело веќе ќе биде спремно за спиење и подолго време ќе бидете во длабок сон. Друга предност на практикувањето на утрински тренинг е што ништо не може да го попречи. Не ви излегол некој изненаден проблем, не сте уморни од работа, туку сте штотуку разбудени, полни со енергија и спремни за вежбање.

Наутро телото е побудно од мозокот. Размислете. Станувањето од кревет, варењето на кафе и сите тие мали рутини наутро ги правите без размислување. Ако во тие утрински часови некој ве праша како се прави кафе, ќе биде потешко да му одговорите отколку едноставно да го направите тоа. Затоа ако знаете што треба да извежбате, сте го испланирале тоа претходниот ден или следите одредена програма, едноставно ќе ја правите бидејќи мозокот сѐ уште ви спие за да ве попречи во тоа. Сите го знаеме чувството на измореност кога вежбаме после долг работен ден и сме на средина на тренингот и имаме дилеми околу тоа што сме го замислиле. Кога вежбате наутро, го нема уморот, а мозокот се активира додека вежбате и тренингот го завршувате како што треба.

Ако го почнете денот свежи и цврсти, ќе можете да уживате во тоа чувство сѐ до вечерта.