Прости ми!-Простено од мене и од бога!

0
10

Прочка е денот пред почетокот на велигденскиот пост а според старата традиција помладиот бара прошка од постариот.

На овој ден варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее да го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.

Вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце. Утредента, првиот ден по Прочка е чист понеделник кога постот веќе започнал, а името го добил по тоа што тогаш започнува нaшето очистување со постот – духовно и телесно.

Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на Велигден.

Датата на Прочка се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден.

На овој ден на семејната трпеза треба да има зелник или месена баница, кадаиф, баклава а не се јаде месо.

Еден од главните елементи на Прочка е маскирањето и преоблекувањето. Според обичајот, за Велики поклади порано се маскирале само мажите, а маските требало да бидат што пострашни и посмешни.
Најпознатиот настан за Велики поклади во Македонија е Струмичкиот карневал или Тримери.