Прогласена е ЕПИДЕМИЈА на мали сипаници! д-р спец. Сајковски објаснува за компликациите од нив.

0
256

Во неодамнешното интервју на  доктор специјалист Александар Сајковски за сајтот pedijatar.mk читаме за опасноста која можат да ја предизвикаат малите сипаници, морбили.

Најопасни компликации од морбили се воспаление на белите дробови и на мозокот, вели д-р спец. Александар Сајковски. Понатаму во текстот објаснува:

„Морбилите се предизвикани од еден РНА вирус со геном на морбили вирус од фамилијата на парамикровируси“.

„Тоа е вирус со висока контагиозност и се пренесува со кашлица или кивање при близок персонален контакт или директен контакт со секрети и екскрети. Вирусот може да преживее до два часа во воздухот или на површина на разни предмети. Тој е толку контагиозен, односно пренослив што ако едно лице го има, со сигурност го префрла на 90 отсто од личностите околу него. Човекот е единствен природен домаќин на овој вирус, и не постои ниту еден анимален резервоар за него“.

Слабост, малаксаност, покачување на телесната температура, воспалителна реакција на рожниците на очите, слузницата на дишните патишта и појава на осип, кој постепено се шири од лицето и вратот кон телото и екстремитетите – вака изгледа клиничката слика на морбилите. „Инкубацијата трае 10-12 дена, кога детето е без никакви симптоми. Последните три до четири дена од инкубацијата детето е заразно за околината. Клиничката слика се одвива во три стадиуми, но посебно се значајни и опасни компликациите како што е воспалението на белите дробови и на мозокот, кои се главни носители на морталитетот од оваа болест“, предупредува д-р сци. Сајковски.

Катаралниот стадиум, објаснува тој, најчесто трае 3-4 дена (ретко може да трае до 7 дена). Тоа е период од појава на првите симптоми на инфекцијата до избивањето на осипот по кожата. Катаралните симптоми вклучуваат солзење на очите, бистра секреција од нос…, односно симптоми кои тешко се разликуваат од една обична настинка. „Први симптоми се малаксаност, замор, нерасположение, покачување на телесната температура, губиток на апетит, кој може да е пропратен со повраќање па дури и пролив. Поинтезивното повраќање може да е пратено со стомачни болки, најчесто во регионот на слепото црево. Клиничките симптоми од ден на ден се засилуваат за на крајот на овој катарален стадиум да се појават специфичните знаци на болеста кои се наречени Копликови дамки, најчесто 36 часа пред избивање на осипот, а се одржуваат 11-24 часа. Копликовите дамки се јавуваат на букалната слузница во усната шуплина и имаат изглед на истурен ориз по зацрвенета и хиперемична слузница. Со гребење тие не се симнуваат, туку се цврсто прикрепени за слузницата, а некогаш може да се споени во поголеми зони, што дава слика на почетен стоматит“, вели д-р сци. Сајковски.

При крај на првиот односно катаралниот стадиум се јавува едно краткотрајно подобрување и опаѓање на телесната температура за набргу да се јави брутално влошување со рапидно зголемување на телесната температура и влошување на општата состојба со силни катарални знаци на лицето, отежнато дишење, градни срцеви болки, неволност или вознемиреност. Тоа е осипниот стадиум, кој најчесто трае 5-6 дена.

„Кожниот осип обично се јавува во четвртиот ден од овој стадиум, прво на кожата на главата и позади ушите, а истиот ден се јавува на лицето и на вратот. Потоа осипот се шири на долните делови на телото како капки вода при туширање. Осипот избива 2-3 дена како ситни макули и папули, поединечно или здружени, а помеѓу истиот кожата е непроменета, но при допир е пријатна, топла, мека и влажна“.

Д-р сци. Сајковски објаснува дека со избивање на осипот субјективните тегоби постепено се смируваат, се губат Копликовите дамки. Осипот се повлекува по истиот редослед како што се јавувал од глава и лице кон вратот, телото и екстремитетите, така што може да се случи истиот да бледее на лицето, а да избива на стапалата. На аускултација на белодробието се слуша најчесто наод на бронхитични хркулки, а над срцето се слуша тахикардија која ја прати висината на телесната температура.

Стадиумот на лупење и рековалесценција трае 4-5 дена и се карактеризира со повлекување на осипот, пад на телесната температура која била 40 и над 40 степени на вредности под 36 степени. На местото каде бил присутен осипот со негово бледнеење може да останат хиперпигментирани зони кои траат 8-10 дена проследени со брашнесто лупење. Општата состојба се подобрува, но понатамошниот тек на болеста зависи од евентуалната појава на компликации.

Морбилите најчесто траат околу две недели, но реконвалесценцијата може да трае и неколку недели. Компликакциите се многу чести, а се рангираат од умерено тешки како што се дијареја, до многу сериозни како што е пневмонија (како примарна вирусна пневмонија или секундарна бактериска пневмонија), бронхитис, отитис, акутна инфламација на централниот нервен систем во форма на енцефалитис до субакутен склерозирачки паненцефалитис, улцерации на корнеа на окото до слепило. Дополнително самата морбили инфекција врши супресија на имунолошкиот систем во наредните недели и месеци, што контрибуира со суперинфекции како што се бактериски воспаленија на средно уво и бактериски пневмонии.

Тој објаснува дека е покажано дека овој препарат ја инхибира синтезата на вирусната РНК што се постигнува преку многу комплексни биолошки карики со воведување на инозинот со посредство на оротична киселина во полирибозомите, инхибиција на полиадениличната киселина која е приврзана за месинџерот на вирусната РНК и молекуларна реорганизација на трансмембранските протеински комплекси кои се вклучени во сигнализација преку Т-клетка и специфичниот рецептор (TсR) во лимфоцитната интрамембранска плазма (IMP), што резултира во речиси трикратно зголемување на густината. „Со сите овие ефекти ова е неспецифичен антивирусен лек кој може безбедно да се користи во лекување на акутните вирусни инфекции“.

Д-р сци. Сајковски вели дека специфичниот медикаментозен третман на морбили со еден нов антивирусен лек кој е наречен ERDRP-0519 покажува во анималните студии ветувачки резултати, но истиот се уште не е тестиран кај хуманата популација.

„Единствен начин за заштита и постепена ерадикација на морбилите е имунизацијата против оваа болест. Мајката која е бремена, а има антитела кон вирусот на морбили ги префрла своите антитела кон бебето за време на истата. Овие антитела му даваат одреден имунитет на новороденото дете кон морбили, но тие се губат во првите девет месеци од животот. Овие деца стануваат осетливи кон морбили како и оние деца кои ги немале тие антитела пренесени од своите мајки. Поради овие факти, единствен начин за превенција и заштита останува имунизацијата кон морбили“, категоричен е д-р сци. Сајковски.

Актуелната препорака е да се аплицира вакцина кон морбили како заемна вакцина за морбили, рубеола и паротит на возраст од 12 месеци. Втората доза најчесто се дава на возраст до 4-5 години, пред се, да го зголеми имунолошкиот одговор. Компликации и несакани реакции од вакцината се ретки. Може да се јави лесно покачување на телесната температура, лесен осип 8-9 ден по апликација на истата, или болка на местото на апликацијата. Посериозни реакции се јавуваат кај еден на милион аплицирани вакцини (<0.00001 %). Аутизмот не е предизвикан со оваа вакцина, што е докажано во огромни студии и анализи.