НАЈПОПУЛАРНИОТ СЛОВЕНЕЧКИ АВТОР ЗА ДЕЦА ВИНКО МОДЕРНДОРФЕР ВО ИЗДАНИЕ НА ПАБЛИШЕР

0
84

Издавачката куќа Паблишер неодамна го објави романот за деца и млади „Како во филм“ од Винко Модерндорфер. Ова е уште едно издание во рамките на едицијата „Калеидоскоп“, поддржана од проектот „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Зборувајќи за еден трауматски период од животот на еден тинејџер во современите социјални услови на градот, романот претставува луцидна приказна за растењето во модерниот свет. Главниот лик Гашпер многу време поминува на Интернет гледајќи филмови и барајќи објаснување за зборовите што не ги разбира, или пак зборува на Скајп со другарка си Тина. Но тука се и школските насилници што го прогонуваат и ненадејните кавги на родителите… Неговите толкувања на настаните полека почнуваат да откриваат една тажна реалност и тој повеќе не може да се крие во своето дигитално засолниште. Одеднаш, животот на Гашпер почнува да добива друга димензија. Зашто понекогаш во животот се случува многу повеќе отколку во сите филмови заедно.

Винко Модерндорфер е современ словенечки писател, сценарист и режисер. Станува збор за извонредно сестран уметник кој има објавено 60-тина книги поезија и проза, за деца и за возрасни, како и драми, збирки раскази и есеи. За многу од нив, како и за своите режисерски дела, има добиено голем број значајни награди. Романот „Како во филм“ е добитник на престижната награда „Модра птица“ за најдобар роман за деца и млади во 2013 година во Словенија.