„ЛИЛИ, САМА“ – НОВА МАГИЧНА ПРИКАЗНА

0
91

Во издание на Издавачки центар ТРИ излезе од печат книгата „Лили, сама“ од англиската авторка Џеклин Вилсон. Книгата е дел од новата едиција „Магични приказни“ поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, а преводот на македонски го направи Ацо Пероски.

Романот „Лили, сама“ е урбана авантура која го поставува најважното прашање кон родителите, но и децата – каква е личната одговорност и општествената правда кога улогите на децата и родителите се сменети? Кога самобендисаната мајка на Лили заминува на одмор во Шпанија со новото момче, Лили останува сама со своите сестри и малото братче. Одговорната Лили смислува план како да ги забавува најмалите членови од своето семејство, а воедно и да ја скрие тајната дека се сами… Тргнуваат на кампување во големиот градски парк, каде што ќе се случи незгода која ќе доведе до вмешување на органите за посвојување и полицијата. Книга за современите несовршености и проблеми на едно семејство, која тера на размислување.

Авторката Џеклин Вилсон е една од најпознатите современи англиски романсиерки, авторка на голем број бестселери за деца преведени на над 30 јазици. Во периодот 2002 – 2008 е прогласена за една од најчитаните автори во библиотеките. Родена е во Сомерсет, но поголемиот дел од детството го поминала во Кингстон, на Темза. Од мала читала и пишувала и својот прв „роман“ од 21 страница го напишала на 9 години.