Лицата со дијабетес, посебно тип 1 и оние со развиени компликации мора да сме изолирани! Разговараме со Рената Јакимовиќ, претседател на Здружение на лица со дијабетес.

0
62

Македонската јавност за прв пат во историјата од самостојноста ја живее вонредната состојба и денови на полициски час. Како примерни граѓани треба да се чуваме себе си и останатите повеќе од било кога, а тоа подразбира седење дома и избегнување излегување освен за најпотребните работи, како пазарењето..

Во ваква состојба нема да се жалиме дека треба да бидеме примерни туку ќе се обидеме да бидеме пример. Со еден од тие примери кои во ова современо општество ја носи најчестата хронична состојба , дијабетот ја имаме честа да разговараме и притоа, пренесуваме совети за лицата со дијабет кои мора да се во карантин, Рената Јакимовиќ престедател на Здружение на лица со дијабетес Алегрија Скопје и подпретседател на Сојузот на Здруженија на дијабетичари на Македонија.

  1. Рената освен што си претседател на Здружението на лица со дијабетес, ти си и добро познато тв лице, новинар на утринската програма Ја сакам Македонија на Сител ТВ. Како динамична личност а и верен репрезент на професијата и трагач по ексклузивната вест, како издржуваш да си дома во овие денови?

Морам да признаам дека не е едноставно. Од 12ти Март сум во изолација, веднаш откако Владата ја донесе ослуката лицата со тип 1 дијабетес да бидат ослободени од работа. Секојдневието ми е драстично променето, но не се жалам бидејќи здравјето е најважно. Денот го исполнувам со различни активности како средување на домот, вежбање по дома, друштвени игри со домашните, тренинг за кучето, се грудам да најдам интересни вести кои може да им помогнат на моите колеги кои се уште одат на работа и секој ден се на терен и некои останати обврски поврзани со работата кои ги извршувам од дома. Воглавном денот може да се исполни, не е едноставно бидејќи сум затворена во 4 ѕида но кога најважно е здравјето и општата безбедност на граѓаните, седењето дома и не е реално проблем.          

2. Која е најчестата состојба на организмот како манифестација на дијабетот, и што се препорачува да прави лицето со дијабет во секојдневието?

Доколку зборуваме за дијабетес тип 1, оној кој се јавува кај децата и лицата до 40та година, симптомите се драматични. Имено почнуваме да пиеме многу вода, со тоа многу често уринираме, за кратко време се губи голем дел од тежината, се јавуваат главоболки. Ова се оние првични симптоми кои се појавуваат кај сите.
Едно лице со дијабетес задолжително и секојдневно треба да ја зема својата терапија, во случајот кај нас лицата со тип 1 дијабетес тоа е инсулинот а кај оние со тип 2 дијабетес тоа може да биде и орална терапија или таблетки, редовно да го проверуваме шеќерот во крвта, потоа мораме да ги имаме своите 5 оброци кои треба да се избалансирани во 3 главни и 2 ужинки и се разбира да имаме некаква физичка активност. Ова се 3те столбови без кои не може да се има добра контрола над крвниот шеќер.

3. Покрај препораките да се остане дома, исклучително е важно на лицата со хронично заболување да бидат дома. Како да ги извршуваат сите препорачани активности лицата со дијабет сега кога мора да се дома, и што се препорачува за замена на истите?

Пред се би објаснила зошто ние лицата со дијабетес, посебно тип 1 и оние со развиени компликации мора да сме изолирани. Имено нашата здравствена состојба т.е. дијабетесот е автоимуна состојба која се добива со тоа што нашите ант тела кои имаат задача да ги убиваат вирусите и бактериите кои влегуваат во телото и имаат за задача да не чуваат по грешка тие ги убиваат бета клетките во панкреасот кои за задача го произведуваат инсулинот. Зошто ова се случува се уште нема научно објаснување и доказ. По ова нашето тело има можеби многу малку послаб имунитет од останатите. Доколку гликемиската контрола е добра нема потреба да се грижиме, но доколку дијабетесот не е добро контролиран тогаш имунитетот е значително ослабен.
Кога еден вирус го напаѓа нашето тело тогаш истото почнува да активира различни процеси и многу хормони кои природно го качуваат нивото на шеќерот во крвта, со тоа може да се развијат катони и ацетони во урината. Доколку истите не се третираат брзо може да доведат до компликации. Дури и една обична настинка знае да направи карамбол во контролата на дијабетесот, па може да замислите што би се случувало доколку вирусот Ковид19 го нападне нашето тело.
Затоа и се вели дека лицата кои за жал починале од овој вирус, всушност умираат од компликациите кои се развиваат од претходната веќе постоечка здравствена состојба.
Замена за нашите секојдневни активности нема. Терапијата и понатаму треба да се прима како што ја наложил докторот можеби со мали промени, оброците и храната секако остануваат, и физичката активност која можеби сме ја извршувале на отворено или во фитнес центар сега ја модифицираме или ја заменуваме со активности кои може да ги реализираме во домот.

4. Од девет годишна возраст си свена дека си носител на дијабет, многу години подоцна, денеска како изгледа твоето секојдневие. Инаку носиш и апаратче за дијабет секогаш со тебе кое е современа технологија она и што го наметнува нашето општество па објасни ни за какво апаратче станува збор и како функионира.

Јас носам инсулинска пумпа, тоа е еден уред во вид на пејџер или џипи џан и истиот тој уред е подесен во текот на 24 часа да ми дава автоматски одредена доза на инсули, додека јас, секогаш кога внесувам јагленихидради давам сама инсулин со стискање на неколку копчиња или пак доколку е потребно да се извади пумпата како на пример при капење, ја вадам за време на тој чин а потоа ја прикачувам назад. Ова е навистина една современа технологија која го олеснува начинот на живот кај лицата со дијабете, но не би рекла дека нашето здравство го наметнува истото. Ние преку Здруженијата и СЗДМ сме тие кои се бориме што повеќе вакви и слични уреди да дојдат во нашата држава се со цел поголем дел од лицата со дијабетес да имаат можност да ги користат.
Моето секојдневие или начин на живот не е премног променето. Јас и понатаму сум дисциплинирана кога станува збор за моето здравје, се трудам секогаш да ги испочитувам сите протоколи кои со тек на време стануваат и едноставна пракса и рутина. Редовно да ги земам моите оброци, да не пропуштам тренинг, редовно да одам на регуларните контроли и испитувања.

5. За тебе не постојат пречки, ти си една вредна млада дама која ја гледаме постојано како дел од утринската програма на сител телевизија. Што најмногу те привлекува во твојата професија.
Во мојата професија најмногу ме привлекува динамичноста. Во професијата новинарство секој ден е различен, запознавате многу луѓе од различни слоеви во општеството, се соочувате со различни предизвици, има стресни има и весели денови. Навистина е динамично и шаренолико секој ден.

5. Како вљубеник во спортот, што спортуваш и колку тоа ти помага за твојата здравствена состојба и дали некогаш си почуствувала пречка од дијабетот во спортувањето?

Од самиот почеток од животот со дијабетес јас сум физички активна. Од својата 9та година па до 20та бев член на КУД Григор Прличев, и можам да кажам дека се уште сум горда играорка. Во меѓувреме почнав да вежбам финес, трчав полумаратон во Скопје а сега веќе неколку години тренирам pole fitness или фитнес на шипка. Дисциплина која е многу погрешно разбрана и потценета во нашето општество. Возам редовно велосипед кога времето дозвозлува и секојдневно пешачам речиси 10 км. Дијабетесот никогаш не ми бил пречка за ништо. Имало моменти кога можеби ми требало повеќе време да видам и да разберам како моето тело и шеќерот ми реагираат на одредена активност но со добар менаџмент сум успевала да се координирам за и тренингот да биде успешен и гликемијата да е во нормалниот опсег.

6. Новинарите сакаат да го имаат последниот збор 🙂  Што ќе биде твојата порака за луѓето со дијабет и останатите кои мора да се придржуваат кон препораките и да останат дома?

Пред се ќе нагласам дека дијабетесот е доживотна состојба со која може да се има исполнет и квалитетен живот, единствено треба да го прифатите како ваш доживотен пријател и да ги земете конците во вашите раце. Нема нешто што не можеме или не смееме, се е до нас како ќе се поставиме кон другите но најважно како ќе се поставиме кон себе и своето здравје.
Што се однесува до моменталната состојба со вирусот Ковид-19 ќе ги замолам сите моит слатки соборци да останат во изолација се додека не се дадат поинакви наредби, хранете се здраво, обидете се да ја трошите енергијата со различни активности низ домот и вежбајте ментална гимнастика преку медитирање, читање книги, слушање музика. Таа всушност е и најважна во овие денови за сите.
За се што е потребно на ФБ страните на Здужение Алегрија и Сојузот на Здруженија на дијабетичари на Македонија можат да ги најдат потребните информации и да не исконтактираат доколку е потребна помош.