Кој е патот до долговечноста?

0
13918

Професионален, доктор со неверојатна харизма, а кај пациентите обожуван од причини како што велат, зборува “народски“, доктор Митов за убава.мк.

1. Докторе постојано сте активен на социјалните мрежи, facebook, неуморно одговарајќи на прашања…Најчесто поставувано прашање, овој период е како да се зајакне имунитетот во пресрет на есента?

– Кога зборуваме за зајакнување на имунитетот, не би требало целосно да се сконцетрираме на производ или суплемент. Факт е дека постојат научни студии кои ги поврзуваат, на пример: печурките и кивите за подобрување на функциите во одбрана на нашето тело од надворешни напади. Но, главниот фокус треба да се постави на целокупноста на исхраната, физичката активност и доволно спиење. Значи, сеопфатен здрав животен стил. Ние малку сме навикнати дека можеме со апче да надоместиме за поголеми пропусти во исхраната и начинот на живот. Сепак, нашите тела не функционираат така. Ни треба целосно здрава исхрана за да го подобриме имунолошкиот, како и останатите системи во телото. Есента кај нас нуди толку многу опции за здрава храна, доволна е една прошетка по пазар и ќе добиеме многу идеи.

2. Дечињата до 5 годишна возраст го градат имунитетот и треба да се посвети поголемо внимание од страна на родителите, во поглед на намирниците, кој се тие кои треба да преовладуваат?

– На родителите најнапред треба да им се објасни дека нормално дете настинува честопати пред да наполни 2 години, и тоа е сосема во ред. Според Канадското педијатриско здружение, некои деца и 8 до 10 пати годишно настинуваат и тоа не е знак за слаб имунитет. Не е крива градинката, не е потхрането детето, не е „преладено” … и не треба сите 10 пати да се носи на лекар. Едноставно, здраво дете кое гради имунитет сосема е прифатливо дека ќе се разболува често. Нормална разновидна здрава храна, витамин Д во зимските месеци и доволно физичка активност се доволни за добро здравје.

3. Што е со дечињата кои почнуваат во училиште и оние поголемите кои веќе одат, менувањето на средината дополнително може да делува на имунитетот, на што треба да се посвети внимание?

– Треба да се внимава на навиките на децата во смисла на редовно миење на рацете, како и безбедно кивање и кашлање. Секое дете до школска возраст треба да биде научено како да кива и кашла за да не ги разболува останатите деца. Навиките се извонредно важни за пренесувањето на вирусите и бактериите.

4. Советувате, жените кои имаат проблем да забременат и оние кои сакаат да забременат треба да проверат или да зголемат количина на витамин Д, дали е тој пресуден?

– Не е, но може да помогне. Во тие ситуации сакаме да помогнеме колку што можеме и со сите расположливи средства. Кај нас, мој впечаток е, се’ уште не се знае доволно за важноста на здравиот начин на живот за плодноста. На пример, цигарите силно ја намалуваат плодноста. Исто и зголемената телесна тежина. На овие работи треба особено да се внимава ако станува збор за ин витро оплодување, бидејќи таму секој еден процент на зголемена веројатност за успех ни е важен.

5.Мајките, жените што ги советувате во поглед на исхраната, што е значајно за одржување на здравјето?

– Целокупниот животен стил. Не е само до исхраната, мора да се биде и физички активен, мора и да се спие доволно, а секако треба и да научиме да се справуваме со стресот. Нема краток пат до подобро здравје.🙂6. И,за мажите исто така?

– Исти се советите и за нив.

7. Најмалку 80% од сите болести на срце, мозочни удари и дијабет може да бидат спречени, а над 40% од ракот може да бидат спречени…Каде е клучот?

– Здравиот животен стил – тоа е клучот. Вреди да работиме на себе извесен период, да речеме 3 месеци со цел да си ги смениме навиките и потоа цел живот да ги користиме придобивките на сменетите навики.

8. Автор сте на “Водич за долговечност“, постои ли можност за долговечност во поглед на динамичноста,стресот на современото живеење?

– Да, постои. Има работи на кои човек може да влијае, и има такви кои се надвор од нашиот дофат. Важно е ние да направиме што можеме да направиме, а тоа не е малку. Првата препрека е сфаќањето дека здравјето е судбина. Најчесто, здравјето е последица на нашите одлуки. Не велам секогаш, велам најчесто. Многумина сакаат да веруваат дека здравјето зависи од нешто друго, што и да е, само не од нив. Но, за среќа тоа не е така. Ние можеме и треба да се грижиме за своето тело, а нашето тело ќе знае добро да ни возврати за таа грижа.