Ексклузивно со младата инфлуенсерка “Готвиме со Теа“!

0
500

Нејзините вешти раце ќе ве воодушеват, таа е млада постојано насмеана и подготвена за нов кулинарски предизвик. Запознајте ја инфлуенсерката со највкусни рецепти, “Готвиме со Теа“:

  1. Теа како ти навлезе во светот на готвењето?

Пред се можам да кажам дека сум голем гурман и навистина сакам да пробувам различни типови на храна. Во однос на готвењето уште од многу мала сум пројавувала желба за готвење. Најпрво започнав да подготвувам македонски традиционални јадења заедно со мојата мајка. Подоцна со оглед на достапноста преку интернет почнав да истражувам за различни кујни, да подготвувам рецепти кои ми оставиле впечаток и да експериментирам со разни намирници. Сето ова почнав да го фотографирам и да го објавувам на мојот инстаграм профил Готвиме со Теа.

  1. Во поглед на готвењето чии инструкции следиш, или ја следиш според сопствената интуиција?

Најголем дел од инструкциите ги добивам од мајка ми. Исто така следам голем дел од познатите шефови во светот и многу работи кои ги учам од нив знам да ги применам, но често и се водам по сопствената интуиција.

  1. Од традиционална кујна до модерни намирници, што те привлекува повеќе?

Иако сакам да ја задржам нашата традиција и дома претежно готвам македонски традиционални јадења, на мојот инстаграм профил повеќето јадења се модерни и нетипични за Македонија. Тоа се должи на многубројните патувања каде имам пробано многу интересни јадења кои сакам да им ги пренесам и на моите најблиски.

  1. Сметаш ли дека социјалната мрежа инстаграм е еден вид бесплатен медиум кој овозможува просперитет на млади таленти?

Сметам дека инстаграм е навистина добар бесплатен медиум преку кој секој може да си го искаже својот талент и она во кое е најдобар, но не и дека е еден вид на работа од која треба да се живее.

  1. Ја доби наградата инфлуенсер на годината 2019та, што за тебе претставува оваа награда?

Со оглед на тоа дека многу малку време се занимавам со ова, наградата многу ми значи. Таа е доказ дека навистина на луѓето им се допаѓа тоа што го презентирам на инстаграм, но и мотив за да продолжам да се вложувам уште повеќе.

  1. Кој беше првиот рецепт кој го подготви?

Не можам да кажам со сигурност кое ми било првото зготвено јадење, но можам да набројам неколку кои сум ги подготвувала на почетокот, меѓу кои се пица, тестенини, цезар салата, пилешко со зеленчук на кинески начин, морски плодови во сос од домати и секако сите видови на македонски традиционални јадења.

  1. За готвачите велат дека се егоисти, лесно ли се поднесува вратена чинија, сугестија дека можеше подобро или коментар дека го утна овојпат рецептот? 🙂

Напротив готвачите се хедонисти, отворени кон луѓето и уживаат што нивната страст кон готвењето ја споделуваат со оние кои уживаат во храната. Не верувам дека постои некој кој не сака да биде пофален, но некогаш е добро и да добиеш критика која може да биде позитивна и да те поттикне кон покреативно готвење. Сигурна сум дека и на најдобрите готвачи им се има случено да згрешат, така што и да не ни се погоди рецептот важно е дека си сакал нешто да направиш, а и ќе знаеш за следниот пат.

  1. Што имаш во план за годинава, иако ти започна со многу убави патувања?

Бидејќи многу сакам да патувам и оваа година ќе ми биде исполнета со многу патувања каде ќе имам можност да пробам многу нови и интересни јадења. Едно од нив е патувањето во Словенија, кое го добив како награда од натпреварот за готвење организиран од Перутнина Птуј.  Исто така во план ми е да издадам книга со рецепти, па се надевам дека ќе успеам да ја завршам до крајот на оваа година.

  1. Патувањата се тука за да се едуцираме и спознаеме со друго место, култура, а со тоа доаѓа и храната како едно главно обележје на секој народ. Кој те импресионираше од тие што имаше можност да ги посетиш?

Можам да кажам дека најмногу ми се допаѓа италијанската храна, но секако тука е и шпанската кујна која нуди доста интересни и вкусни јадења. Од италијанската храна можам да ги издвојам наполитанската пица, пицата пинса која е типична за Рим и десертот тирамису. Додека пак од шпанската на прво место е паељата во комбинација со сангрија, а потоа шпанската тортиља и тапаси.

  1. Од готвачите се бара рецепт 🙂 па да ја искористиме приликава да ни споделиш некој?

Рибја чорба на мој начин

За подготовка на овој рецепт за 4-5 лица се потребни следните состојки:

– глава, опашка и икра или млеч од риба (крап)

– 3-4 моркови, средна големина

– ½ главица корен од целер

– 1 пашканат

– млад кромид или праз (по желба)

– 1 компир

– 1,5 – 2 л. вода

– мешан сув зеленчук

– сол и црн бибер

– масло

– 1 лажица брашно

– лист од целер или магдонос (по желба)

Време на подготовка 30-45 минути.

Сите состојки исецкајте ги на ситни парчиња или во сецко. Во садот во кој ќе ја правите супата ставете масло да се загрева и откако ќе се загрее ставете ги морковите да се пропржат 2-3 минути. По некоја минута пржење додадете ги претходно исецканите моркови. Налејте вода, додадете ги сите останати состојки, зачинете и посолете. Во исто време ставете ги и деловите од рибата. Варете 15 до 20 минути. Со лажица решетка извадете ги сварените делови од рибата во посебен сад, а чорбата тргнете ја од оган. Откако рибата внимателно ќе ја исчистите со помош на две вилушки, вратете ја во чорбата (икрата или млечот згмечете ги со вилушка во друг сад за да не се измешаат со коските). Во тавче на оган ставете малку зејтин и една лажица брашно да се пропржи за да добие златно жолта боја. Оваа запршка ставете ја во чорбата која ќе и даде густина и посебен вкус ( за оние кои не конзумираат брашно, може и без оваа запршка). Вратете ја чорбата на оган, додадете бибер и исецкан лист од целер или магдонос и по 2 минути варење исклучете го огнот.

На здравје и уживајте.

Доколку ве примамивме со фотографиите на следниов линк можете да ја заследите Теа на социјалната мрежа инстаграм: gotvime.so.tea