Едиција КАЛЕИДОСКОП – потребното освежување на македонската издавачка сцена

0
108

„Калеидоскоп“ е името на новата едиција книги што Издавачката куќа ПАБЛИШЕР неодамна ја промовираше пред нашата читателска публика. Едицијата е големо освежување на македонската издавачка сцена. Се состои од преводи на 10 романи од автори кои досега не биле претставени во Македонија, а кои уживаат голема популарност кај публиката и критиката низ Европа и пошироко. Целта на проектот е да се зголемат изборот и циркулацијата на квалитетна литература за читатели од различни возрасни групи преку претставување на некои од најдобрите наслови објавени во Европа во последниве години, со посебен акцент на литературата за деца и млади.

„Калеидоскоп“ нуди избор од 10 современи дела од реномирани и наградувани автори,  насочени претежно кон младата читателска публика. „Книга за гробиштата“ од Нил Гејман, „Воздух“ од Миријам Дубини, „Како во филм“ од Винко Модерндорфер, „Сошиено срце“ од Карол Мартинез, „Дарла – 172 часа на Месечината“ од Јухан Харстад и дури три романи добитници на Европската наградата за литература: „Некогаш сигурно сум одела по мека трева“ од Каролина Шути, „Езеро“ од Бјанка Белова и „Срце на ветрот“ од Донал Рајан.  Сите десет книги носат исклучително висок литературен квалитет и ги отсликуваат карактерот и целите на едицијата – да ги задоволи различните тематски и стилски очекувања низ различни жанровски изрази: фантазија, мистерија, романса, реализам, историја.

Еден од поводите за покренување на оваа едиција е недостигот од квалитетни книжевни дела во превод на македонски јазик, пред сè за млади. „Младите читатели сè поретко се одлучуваат да го посветат своето слободно време на книгата, а тоа е нешто на кое ние издавачите, но и државата, треба континуирано да работиме“, велат од издавачката куќа ПАБЛИШЕР. Меѓу книгите во оваа едицијата голем дел доаѓаат од книжевно „егзотични“ земји од Европа – Норвешка, Исланд, Данска, Ирска, но раскажуваат приказни чии пораки носат универзални вредности и допираат до секој читател.  Со ваквиот избор, проектот во целост ќе придонесе за развивање на порафиниран книжевен вкус, ќе го поттикне интересот на младата публика и ќе создаде нови лојални читатели.

Едицијата „Калеидоскоп“ се издвојува и со иновативниот пристап во промовирање на делата, но и со дополнителните активности насочени кон подигање на читателската свест кај младите. ПАБЛИШЕР неодамна го основа и првиот Клуб на млади читатели, кој ќе биде место за дискусии, размена на мислења и поттикнување на креативноста кај децата преку читање; понатаму, организира гостувања на странските автори и нивна директна комуникација со публиката на промоциите; иницира соработка со едукативни центри, а планира и организирање на Денови на книгата, што ќе претставува и заокружување на едицијата, која секако ќе добие и свое продолжение.

Едицијата „Калеидоскоп“ на Издавачката куќа Паблишер е проект поддржан од Програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.