Д-р. Душко Фидановски: Аерозагадувањето е особено штетно за детскиот развој

0
456

Како природно да го зајакнеме имунитетот на децата, како да се избориме со респираторните вируси и да му пркосиме на загадениот воздух?! Одговори и совети побаравме од доктор Душко Фидановски, шеф на оддел за детски болести, специјалист по педијатрија и неонатологија при клиничка болница Аџибадем Систина.

1. Родителите се во постојан траг по магичната формула која ќе помогне за полесно јакнење на имунитетот кај детето, но дали воопшто таква и постои? Што треба како родители да знаеме и прифатиме кога е имунитетот на детето во прашање?

-За жал таква формула не постои, односно нема препарат кој безбедно и безусловно ќе го заштити организмот од инфекции, односно ќе го зајакне имунитетот до толку за да оневмозможи појава на инфекции. Препаратите кои постојат за таа цел, не треба да се земаат без претходно да се направат соодветни имунолошки испитувања кај детето, а воедно нивна нестручна употреба може да предизвика повеќе штета отколку корист.
За подобар имунитет кај децата обично препорачуваме придржување кон три работи:
-добар одмор во текот на денот, односно мирен сон во текот на ноќните часови од 7-8 часа
-скојдневна умерена физичка активност, бавење со некој спорт соодветен за возраста на детето или барем секојдневни прошетки до 1 час на отворено и избегнување на топли и затворени простории во кои циркулираат многу луѓе (на пример шопинг центри и игротеки)
-и секако најважното соодветната исхрана која е составена од многу зеленчук (богати со минерали , железо и витамини, особено лукот кој содржи алицин со силно антибактериско дејство, но и умерено користење на зачини, како ориганото кое има антибактериско дејство), овошје (особено црвено или црно обоените плодови како рибизла, капина, аронија и користење на сок од црн бозел кој има силно антивирисно дејство) како и конзумирање на витамини како Д витаминот ( морски риби) А витаминот (во морковот, сливите, кајсија) како и конзумирање на храна богата со микроелементи (цинк, бакар, јод и селен) во некои врсти на житарки.

2. Децата кои посетуваат јавна образовна установа се поизложени на заболувања,  дали треба постојано да им се даваат препарати за имунитет (имуномодулатори) и дали се соодветени за секој детски организам?
-Неминовно е децата кои посетуваат образовна устанува, било градинка или училиште, особено во првите 1-2 години да имаат почести инфекции, всушност и добро е организмот да биде изложен на различни врсти на микроорганизми во раното детство и на тој начин да се постигне “природен имунитет” односно да се запознае со најчестите предизвикувачи на инфекции и со тоа да стане поотпорен кон нив. Докажано е дека луѓето кои во најраното детство имале повеќе инфекции, подоцна во тек на животот поретко се разболуваат и имаат помал ризик од појава на автоимуни и малигни заболувања.

3. Колку пати во тек на една година е нормално да се разболи детето и дали најчести се бактериските или вирусните инфекции?
-Индивидуално различно е колку пати е нормално да доби некаква инфекција во тек на животот бидејќи тоа зависи од многу фактори, но секако постои некој просек кој обично изнесува од 4-5 пати годишно. Во секој случај многу почести се вирусните инфекции и тие се причина за 90% од инфекциите кај децата.

4. Загрижувачка е состојбата со загадениот воздух, како тој влијае на децата, притоа колку и како можеме да ги заштитиме?
-Аерозагадувањето е особено штетно за детскиот организам кој е во фаза на раст и развој и е многу поосетлив на штетните материи кои ги има во смогот. Така наречените п.м честички, (особено најмалите со големина од 2,5 микрометри) но и гасовите како сулфурдиоксидот и азотоксидот,  ја оштетуваат слузницата на долните делови од дишните патишта кај децата, предизвикувајќи рецидивирачки воспаленија (бронхити и бронхопнеумонии), но и продираат во циркулацијата и се разнесуваат низ целиот рганизам оштетувајќи ги виталните органи како срцето, мозокот и се одговорни за појава на хронични заболувања кај децата но и и подоцна во тек на животот. Дополнителен проблем е што алергените од воздухот се закачуваат на овие штетни материи и многу полесно навлегуваат во организмот заради што е многу зголемен и процентот на алергиски заболувања.
Во наши услови најдобра заштита од аерозагадување е да не се престојува (или тоа да биде кратко) на отворена во периоди на денот кога загадувањето е најизразено или во денови кога концентрацијата на штетните материи е многу висока.

5. Без разлика на годините, респираторните вируси се многу актуелни во овој период од годината. Како треба да се постапи и дали се препочачува антибиотска терапија?
-Вирусните инфекции се најчестите инфекции кај децата, а од вирусите најчесто се работи за т.н  рино вируси кои ги предизвикуваат инфекциите на горните дишни патишта познати како настинки. Ги има стотина видови и подтипови и за жал кога ќе се разболе детето од еден тип на ваков вирус не станува отпорно и на другите типови, па така може и повеќекратно да има знаци на инфекција во краток временски период. Многу ретко станува збор за посериозни вирусни инфекции од типот на вирусот на грип, респираторносинцицијален вирус или слични кои можат да предизвикаат посериозни инфекции на долните дишни патишта односно на бронхиите и белите дробови. Нема никакво оправдување во употребата на антибиотик при вирусна инфекција, бидејќи тие немаат никаков ефект врз вирусите и со нивна употреба се нанесува повеќе штета и дополнително се намалува отпорноста на организмот.


6. Низ градинките се присутни периодов крупните сипаници, ако во западните земји има вакцина и е препорачлива, кај нас не постои. Колку е опасна болеста и како полесно да се преброди?
-Варичелата или попозната како крупна сипаница е инфективно вирусно заболување кое најчесто поминува како полесна инфекција проследена со температура и карактеристичен осип по кожата и во мал број од случаи може да настанат компликации од типот воспаление на белите дробови или на мозочните обвивки. Но сепак треба детето болно од оваа болест да биде изолирано, додека трае осипот, да прима течности, да мирува, локален третман на кожните промени и секако да добива симптоматска терапија, на пример антипиретик при покачена температура. Во случај да се појави некоја компликација, тогаш е потребен и болнички третман.

7. Вие сте специјалист неонатолог, што советувате од која возраст е препорачливо детето да се носи на планина, чист воздух и дали е во ред децата од најмала возраст да се носат и на езеро или море?
-Ако се работи за дете кое е здраво родено на време и со уреден развој, престојот надвор од домот е можен уште во првите денови и недели од животот доколку времето е стабилно (нема врнежи или силен ветар), без разлика на температурата на воздухот, секако соодветно облечено. Немам посебна препорака дали тоа треба да биде море или планина, важно е воздухот да биде сув, без преголема влажност и секако температури кои не се многу високи (над 30 степени) или прениски (многу под нулата). Инаку препорачувам престој и на планина на надморска височина не поголема од 1000-1200 метри.

8. Квалитетната исхрана се смета за една од главните фактори за здрав развој на детето, но од друга страна чести се и реакциите од одреден вид храна односно алергиите . Која храна вие препорачувате да се избегнува и до која година во развојот?
-По однос на исхраната и појавата на алергиите  многу важно е детето да биде на мајчино млеко, т.н екслузивно доење, односно исхрана само со мајчино млеко во првите 6 месеци, а доењето е најдобро да трае 12 месеци и нема ограничување во времетраењето, односно мајкта може да го дои детето и 3-4 години.
Не треба да не се внесува друг тип на храна, пред четвртиот месец, а најдобро не пред 6 месеци кај деца кои имаат фамилијарна оптеретеност со алергии. Потребно е да се избегнуваат јаткасти плодови, чоколадо и мед во тек на првата година, а храна која е конзервирана или содржи вештачки ароми или бои, воопшто да не се внесува или барем не во првите 5 години. Многу е битно да се направи правилен внес на одредени намирници (разни врсти на зеленчук, житарки, месо и јајце) по одреден редослед и во зависност од возраста на детето.

9. Дали болно дете треба да се носи во градинка, може ли да влијае врз другите деца и кога по бактериско или вирусно заболување треба детето да биде вратено во градинка?
-Основната причина за појавата на чести инфекции кај деца кои одат во градинка е присуството на дете/деца кое има некаква инфекција (вирусна/бактериска) и тоа во акутната фаза на болеста кога вирулентноста на микроорганизмот (можноста за пренесување и размножување кај нов домаќин) е многу голема. Првите денови по започнување на болеста, односно додека детето има температура, интензивно кашла, кива, му тече носот треба да остане дома бидејќи во тој период најголема е можноста инфекцијата да се пренесе на другите деца.