Влакната растат побрзо со бричење, а косата со редовно шишање. Во ова верува поголем број од популацијата, а дали има вистина или се работи за мит, откриваме во разговор со дерматолог и фризер.
Мит бр 1
Порите се отвараат под врела вода
Голем број на жени ќе ви кажат дека со парење ги чистат порите, но…
“Врелата вода не ги отвара порите. Ги шири крвните садови и кога станува збор за осетлива кожа ја влошува состојбата. Во проширените пори најчесто се наоѓа кератинскиот чеп кој може да се одстрани со ензимски и хемиски пилинзи“.
Мит бр 2
Честото бричење го забрзува растот на влакната
“Точно е дека честото бричење стимулира раст на влакната“. Ова претставува и метода за згуснување на влакна, она што не е докажано е дека бричењето влијае и на големината на влакното.
Мит бр 3
Со триење на зглобовите мирисот од парфемот е појак
Ставате парфем и притоа ги триете зглобовите убедени дека парфемот ќе замириса појако и ќе трае подолго. Епа, стручните лица велат дека ова е крајно погрешен пристап на нанесување на овој козметички препарат, што всушност значи спротивно, го намалува траењето на мирисот. Доволно е, само да го нанесете парфемот и да почекате неколку секунди да се искуши на кожата.
Мит бр 4
Со шишање косата побрзо расте
Дерматолозите велат дека ова не е вистина. А пак фризерите велат дека, редовното шишање е клучно за здравјето на косата.
Мит бр 5
Шминката предизвикува акни
“Сценската и телевизиската шминка и онаа која содржи минерални улја може да доведе до создавање на кератински чепови, акни. Но она што е најважно кога се акните во прашање се хормоните и нивниот баланс а потоа и исхраната“.